|
Wednesday, 29 April 2009 09:47 |
|
Напасувањето на стока традиционално било главната економска активност на населението од Маловишта и другите села кои лежат на границите на Паркот (т.е. Нижеполе, Дихово, Магарево, Трново, Ротино, Цапари и Кажани). Пред околу еден век на пасиштата на Баба Планина населението од овие села напасувало околу 50.000 овци а сточарството било основна стопанска активност на населението. Во тоа време овие села броеле околу 11.000 жители. Покрај овци се одгледувале и други домашни животни како коњи и кози, главно како поддршка на нивната основна активност – овчарството. После Првата светска војна бројот на населението во областа значително се намалил што пак довело до драстично намалување на бројот на овци. Во 1953 бројот на жители во села споменати погоре не надминувал 4.000, но нивниот опстанок сé уште бил тесно врзан со овчарството (се напасувале околу 13.000 овци). Во тоа време, покрај овци, коњи и кози, се одгледувале и други домашни животни како свињи, кокошки и говеда. Поледелството се практикувало во Цапари (житарици, овоштарници) и Ротино (житарици, компири), додека некои жители од Трново и Магарево нашле вработување во каменоломот за гранит лоциран над овие села.
|
|
Last Updated ( Monday, 04 May 2009 09:24 )
|