|
Wednesday, 29 April 2009 09:52 |
|
Зачетоците на туризмот и рекреативни активности на Баба Планина и Пелистер се забележливи уште на почетокот од минатиот век. Денес Националниот парк Пелистер претставува важна дестинација за рекреативците и другите туристи од регионот и државата, но исто така и соседните земји, особено Грција и Албанија. Бројните излетнички места (над 50) и планинарски патеки уредени од страна на управата на Паркот привлекуваат илјадници посетители преку целата година. Сепак, најбројни се оние од Битола за кои Паркот е важен дел од нивниот идентитет. Иако не постојат прецизни податоци за бројот на посетители во Паркот (за достапните податоци види табели 34 и 35, Прилог II од Додатокот на овој План), проценките укажуваат на тоа дека нивниот број е значително поголем на пролет и во летната сезона, во текот на викендите и државните празници како и во текот на собирањето на шумски плодови (диво овошје и печурки). Голем број на посетители се среќаваат и за време на зимската сезона, но главно околу скијачките терени на Копанки - Бегова Чешма. Најпосетени места во Паркот се Планинарскиот дом на Копанки, Детското одморалиште, хотел „Молика“ и скијачкиот центар на Бегова Чешма, излетничкото место Голема Ливада и др.
|
|
Last Updated ( Monday, 04 May 2009 09:25 )
|