| Визија за иднината |
|
|
|
| Friday, 22 May 2009 10:31 |
|
Националниот парк Пелистер и понатаму е област со висока вредност, познат по исклучително убавиот и недопрен предел и место каде природните процеси, функции, циклуси и живиот свет непречено се одвиваат и еволуираат; Неговите посетители уживаат во широкиот спектар на активности кои се во согласност со природните услови. БИОЛОШКАТА РАЗНОВИДНОСТ на сите нивоа на организација е зачувана и продолжува да претставува главна одлика на Паркот. Непреченото одвивање на природните процеси, функции и циклуси во природните екосистеми во Паркот поддржуваат стабилни и витални популации на засегнатите и особено загрозените, ендемските и другите автохтони видови, а бројот на внесени и инвазивни видови е намален во однос на претходниот период. ПРЕДЕЛОТ и понатаму е мозаик од природни шуми, каде што доминираат моликовите шуми и високо-планински пасишта. Ледничките езера, камените реки и мориња, другите геоморфолошки формации и водите го надополнуваат мозаикот на пределот. Натамошната урбанизација на земјиштето е органичена, а инфраструктурните објекти се со размер, дизајн и местоположба што не го нарушуваат природниот карактер на Паркот. Културните елементи на пределот поврзани со селото Маловишта се со зачуван традиционален изглед. ЗА ПОСЕТИТЕЛОТ е место кое и понатаму предизвикува восхит и чувство на слобода, со бројни можности за рекреација во природно и неурбанизирано опкружување. За да се има пријатно доживување и за да се заштити Паркот бројот на посетители не го надминува капацитетот на неговата издржливост и тие ги почитуваат природните вредности на просторот. Посетителите имаат низа можности да го запознаат и разберат Паркот вклучувајќи ги и неговите културни и историски вредности. Постои едноставна инфраструктура неопходна за поддршка на посетителите и нивниот престој во Паркот. ЗА ЛОКАЛНИТЕ ЗАЕДНИЦИ на село Маловишта и соседните села Паркот е област што нуди услови за традиционално сточарење и други можности за придобивки. Алтернативниот туризам е во подем, заснован на принципите на одржливиот развој и во силна спрегра со целите на Паркот. НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК има разновиден, мотивиран и професионален кадар кој овозможува ефикасно, сигурно и одговорно управување. Видот на активности и нивниот обем се во согласност со зонирањето на Паркот и ги исполнуваат критериумите во поглед на одржливоста и заштитата на природното, културното и духовно наследство. Паркот има развиена научно-истражувачка и воспитно-образовна дејност. Сите чинители во општеството споделуваат подлабоко разбирање и ги ценат вредностите на Паркот и заеднички работат со цел да ги одржат и унапредат. |
| Last Updated ( Tuesday, 02 June 2009 11:03 ) |




