|
Шумски екосистеми Шумите во Националниот парк Пелистер зафаќаат околу 5.672 ha или над половина од вкупната територија на Паркот. Во Паркот се среќаваат девет типови шумски заедници од кои две се на моликата (Pinus peuce), четири на буката (Fagus sylvatica) и три на дабот (Quercus spp). Моликови шуми Mеѓу шумските заедници во Паркот се истакнуваат двете заедници на македонскиот бор – молика – и тоа: горската моликова шума (Digitali viridiflorae – Pinetum peuces) и предпланинската моликова шума (Gentiano luteae – Pinetum peuces). Моликовите шуми се реликт од терциерот и се среќаваат само на Балканскиот Полуостров на површина од 30.000 ha. Меѓу сите нив, моликовите шуми на Пелистер се издвојуваат по својата типичност и пространост. Моликовите шуми на Пелистер во некои делови се стари и над 200 години, но најголем дел од постојните површини се резултат на природните процеси на сукцесија, особено во периодот после прогласувањето на Националниот парк Пелистер. Сеуште постојат непознаници во врска со текот на природните процеси во овие шуми, но долгогодишните набљудувања укажуваат на тоа дека моликата покажува голема виталност и брзо се шири на отворените простори во Паркот, но сé повеќе и надвор од неговите граници. Во исто време течат и процеси во спротивна насока. Така на пример, додека моликата брзо ги освојува камените реки, поранешните пасишта, просторите со деградирани шуми од друг тип или напуштените земјоделски површини, во старите шуми елата (Abies borisii-regis) се повеќе ја истиснува моликата. Исто така, возрасните моликови стебла кои се развиваат на камените реки се соочуваат со недостиг од хранливи материи и често пати предвремено се сушат. Повремените снегоизвали понекогаш уништуваат поголеми површини моликови шуми. И човековата активност во Паркот може да претставува закана по овие шуми, како што е примерот со сушењето на моликата во близината на хотелот „Молика“, на местото каде се испуштаат отпадните води од пречистителната станица. Освен во последниов случај, другите примери се сметаат за составен дел од природната динамика на моликовите шуми и како такви не треба да се предмет на интервенција од страна на човекот. Сепак, одредени показатели укажуваат на тоа дека не сите природни процеси се воспоставени и се одвиваат во полна мерка. Така на пример, поради малата популација на некои од птиците, контролата на штетниците (инсекти) е недоволна и постои потенцијална закана од нивно ширење на поголеми површини. Уништувањето на моликовите шуми на поголеми површини низ природните процеси (вклучително и ширење на штетници и болести) или поради загадување и пожари ќе ги намали естетските вредности на пределот. Од друга страна убавината на пределот, која во голема мерка се должи токму на моликовата шума, е една од причините за големиот број посетители во Паркот. Така на пример, просторот со најстари и најубави моликови шуми (Бегова Чешма-Копанки) е најпосетената дестинација во Паркот. Според тоа, управувањето со моликовите шуми во Паркот во наредниот десетгодишен период треба да ги постигне следните цели: ü Моликовите шуми во Паркот, со исклучок на старите шуми околу Бегова Чешма, се одликуваат со природна структура и спонтаното одвивање на природните процеси и еколошки функции (услуги); ü Во старите шуми околу Бегова Чешма моликата е доминантен вид во наредните 50 години; ü Моликовите шуми се заштитени од внесување на алохтони видови, штетници, болести, пожари и загадување. Мерки и активности: - Се спроведува мониторинг на моликовите шуми; - Изготвена е програма за ревитализација на старите моликови шуми околу Бегова Чешма; - Изготвена е студија за воспоставување/возобновување на биолошка контрола на штетниците; - Воспоставена е контрола врз алохтони видови, штетници, болести и пожари; - Спречено е загадувањето на моликовите шуми во Паркот. Со спроведувањето на студијата за воспоставување/возобновување на биолошка контрола на штетниците се очекува да се добијат податоци кои ќе помогнат во попрецизно определување на мерки и активности за контрола на штетниците. Според тоа, во зависност од резултатите од оваа студија, може да се јави потреба од ревизија на мерките и активностите пропишани со овој План. Таква можност е предвидена со член 99 од Законот за заштита на природата (Сл. Весник на РМ 67/04) според кој Управата на Паркот е задолжена да изврши оцена на резултатите постигнати со примена на Планот за управување, најдоцна до истекот на седмата година од денот на неговото донесување, односно до 2012 година. Спроведувањето на мониторинг во моликовите шуми ќе биде дел од сеопфатна програма за мониторинг во Националниот парк Пелистер, како што е опишано во Поглавје 10.2. Исто така, за да се обезбеди соодветна контрола на инвазивните видови, штетниците, болестите и пожарите во Паркот, како и за спречување на загадувањето, потребно е да се реализираат низата мерки. Букови и дабови шуми Заедниците на буката (Abieti-Fagetum macedonicum, Fagetum subalpinum scardo-pindicum, Festuco heterophyllae-Fagetum, и Calamintho grandiflorae-Fagetum) заземаат околу 3.286 ha или 30% од територијата на Паркот, додека оние на дабот (Orno-Qurecetum petraeae, Qurecetum frainetto-cerris macedonicum и Querco-Carpinetum orientalis macedonicum) само 576 ha или околу 5,3% од вкупната површина на Паркот. Овие шуми се важно живеалиште за голем број засегнати или ретки животински видови, но имаат и големо социо-економско значење, посебно буковите. Со исклучок на релативно малите површини на Вртешка и југо-источно од манастирот Св. Ана, пред прогласувањето на Паркот овие шуми во најголем дел биле силно деградирани како резултат на прекумерното и несоодветно искористување. Во периодот по прогласувањето на Паркот на површините со најизразена деградација биле насадени плантажи од алохтони видови и тоа црн бор (Pinus nigra), европски ариш (Larix decidua), бел бор (Pinus sylvestris), смрча (Picea abies), дуглазија (Pseudotsuga menziesii), и багрем (Robinia pseudoacacia). Во последните педесеттина години голем дел од деградираните букови и дабови шуми е реставриран, но потребни се дополнителни мерки во еден подолг временски период за воспоставување на структура, процеси и функции што се типични за автентичните шуми од бука и даб (пример тие на Вртешка и околу Св. Ана). За таа цел ќе биде неопходно да се намали учеството на искористувањето на овие шуми во обезбедувањето на финансиски средства за заштитата во Паркот и ќе треба да се применат дополнителни (еколошки) мерки. Според евиденцијата на Паркот овие шуми се најмногу изложени на пожари, предизвикани, во најголем дел, од невнимателност на посетителите или локалното население. Брзото ширење на дуглазијата во дабовата шума, а сé повеќе и во буковата, е посебно загрижувачко. Моликата исто така лесно ги освојува силно деградираните делови од овие шуми, посебно буковите. Според тоа, управувањето со буковите и дабовите шуми во Паркот треба да ги постигне следните цели: ü Површината на букови шуми кои се одликуваат со автентична структура, природни процеси и функции во 2055 е поголема за 50% од онаа во 2004 (од 463 ha на 700 ha); ü Површината на дабови шуми кои се одликуваат со природна структура, процеси и функции во 2055 години е поголема за 20% од онаа во 2004; ü Буковите и дабовите шуми се заштитени од внесување на алохтони видови, штетници, болести и пожари. Мерки и активности: - Воспоставен е режим на строга заштита на површините со автентични букови и дабови шуми; - Се спроведува мониторинг на буковите и дабовите шуми; - Идентификувани се приоритетните површини, мерките и динамиката за интервенции во буковите и дабовите шуми; - Постои контрола врз алохтони видови, штетници, болести и пожари во Паркот. Според предлогот за ново зонирање во Паркот изложен во Поглавје 9.1.2. зоната на строга заштита треба да се прошири така што ќе ги опфати површините со предпланинска букова шума (заедницата Fagetum subalpinicum scardo-pindicum, 138 ha) и подгорската букова шума (Festuco heterophyllae-Fagetum) југоисточно од манастирот Св. Ана (103 ha) и околу врвот Вртешка (360 ha). За определување на приоритетните површини, мерките и динамиката за интервенции во буковите и дабовите шуми ќе се користат податоците од постојните планови за одгледување и заштита на шумите. Покрај тоа, ќе се спроведе и дополнителна студија за екологијата на овие екосистеми со што анализата ќе биде сеопфатна, а мерките за интервенција интегрални и екосистемски. Резултатите од оваа активност исто така ќе послужат за одредување на параметрите и посебните цели од програмата за мониторинг кои се однесуваат на овие живеалишта. Паралелно со овие активности ќе се спроведе студија за можностите и инвестициона програма за диверзификација на изворите за финансирање на заштитата на Паркот (види Поглавје 8.3.2). Од резултатите и препораките од овие мерки ќе зависи дали целите за буковите и дабовите шуми изложени погоре ќе треба да се изменат и/или надополнат. Таква можност е предвидена во текот на постапката за оцена на резултатите постигнати со примена на Планот, која ќе се реализира пред истекот на 2012. Што се однесува до обезбедувањето на контрола врз инвазивните видови, штетниците, болестите и пожарите во Паркот, ќе се реализираат серија од мерки. Водни екосистеми Иако мали по површина водните екосистеми во Паркот се од исклучителен интерес за заштитата поради присуството на засегнати и ендемски растителни заедници (пр. Caricetum macedonicae) односно засегнати и ендемски видови (пр. остракодното ракче Eucypris kurtdiebeli и амфиподното ракче Niphargus pancici pancici, пелагониската пастрмка Salmo pelagonicus, дијатомеите Achnanthidium kryophila, Luticola undulatа, Navicula roteana, Pinnularia appendiculata и други). Исто така, тесно поврзана со некои од овие живеалишта, поточно реките и потоците, е локалната ендемска растителна заедница Knautio-Calamagrostidetum arundaceae со присутното ретко растение Knautia magnifica. Поради недоволната проученост на повеќе групи без’рбетни животни од овие екосистеми постои голема извесност за присуство и на други видови кои може да се значајни за науката или за заштитата на природата. Меѓу нив, глацијалните езера заземаат посебно место поради своето еколошко значење, но и поради високите естетски вредности кои привлекуваат многубројни посетители. Водните живеалишта во Паркот се најчувствителните екосистеми во Паркот. Во моментот сè уште постојат притисоци и закани кои може да имаат сериозни последици по овие живеалишта. Некои од нив, како на пример глобалните климатски промени, а веројатно и загадувањето на воздухот, се последица на процеси кои се случуваат надвор од границите на Паркот. Сепак, значаен дел од притисоците се должи на загадувањето со отпадни води, несоодветното управување со посетителите и изградбата на водозафати и чешми на територијата на Паркот. Проблемите со отпадните води се особено изразени во случајот на Магаревска Река (отпадни води од хотел „Молика“), Шемница (отпадни води од село Маловишта) и Големо Езеро (отпадни води од планинарскиот дом на Големо Езеро). Релативно големата посетеност на Големо Езеро и несоодветното однесување на некои од посетителите (пр. перење и капење во езерото) се исто така голема закана за екосистемот на Големо Езеро. Во минатото, покрај патеките или излетничките места во Паркот се изградени бројни чешми, но за повеќето од нив нема податоци за влијанието врз планинските извори и потоци. Сепак, поголемите водозафати се изградени врз основа на претходни елаборати. Според тоа, управувањето со водните екосистеми во Паркот треба да ги постигне следните цели: ü Водните екосистеми во Паркот, како што се глацијалните езера, планинските извори, реките и потоците и со нив поврзаните растителни заедници се одликуваат со природна структура и спонтаното одвивање на процесите и еколошките функции. Мерки и активности: - Воспоставен е режим на строга заштита за глацијалните езера; - Се спроведува мониториг на водните екосистеми во Паркот; - Изготвена е детална еколошка оценка (валоризација) и картографски приказ на планинските извори (посебно извориштата на реките Сапунџица и Црвена) и со нив поврзаните растителни заедници (тресетишта, крајпоточна вегетација и сл.); - Поставени се табли за информирање и образование заради контрола на движењето и однесувањето на посетителите на глацијалните езера и нивната непосредна околина, вклучително и планинарскиот дом на Големо Езеро; - Спречено е загадувањето на водните екосистеми во Паркот; - Постои контрола на внесувањето на алохтони видови; - Нема изградба на локални чешми и било какви други водозафати во периодот 2006-2008 година. За намалување на притисоците врз глацијалните езера се предлага ново зонирање во Паркот прикажано во Поглавје 9.1.2. Во случајот на Малото Езеро зоната за строга заштита ќе го опфати езерото и неговата непосредна околина, т.е. циркот во кој истото се наоѓа. Зоната за строга заштита исто така ќе го опфати Големото Езеро, а на дел од неговата непосредна околина (опфаќајќи го и планинарскиот дом) ќе се воспостави т.н. заштитен појас. Во заштитниот појас ќе владеат посебни норми кои треба да овозможат понатамошна посета на оваа популарна дестинација на начин што нема да ги загрозува ранливите природни вредности во езерото и неговата околина. Каптирањето на извори за изградба на локални чешми и други поопсежни водозафати во Паркот после 2008 се изведува врз основа резултатите и препораките од еколошката оценка (валоризација) на планинските извори и со нив поврзаните растителни заедници (тресетишта, крајпоточна вегетација и сл.). Спроведувањето на мониторинг на водните екосистеми во Паркот ќе биде дел од сеопфатната програма за мониторинг, како што е опишано во Поглавје 10.2. Исто така, за да се обезбеди соодветна контрола на инвазивните видови (пр. внесување на алохтони видови риби), како и за спречување на загадувањето, потребно е да се спроведе низата мерки опишани во поглавијата 8.3.2. и 8.3.3. За да се постигнат целите за водните екосистеми, исто така ќе треба да се спроведат мерките и активностите кои се однесуваат на инфраструктурата и можностите за рекреација, информирање, толкување и образование на посетителите, односно унапредување на човечките ресурси и инфраструктурата за управување во Паркот. Планински екосистеми Во планинските екосистеми во Националниот парк Пелистер се среќаваат осум планински/предпланински тревни заедници: Festucetum paniculatae, Centaureo-Festucetum varie, Geranio-Poetum violaceae, Genisto-Nardetum, Jasioni-Caricetum curvulae, Jasioni-Festucetum supinae, Diantho myrtinervius-Festucetum и Lino-Seslerietum. Покрај нив, на карпестите терени се среќава и тревната заедница Asplenio-Silenetum lerchenfeldianae, а по рабовите на шумите и крај потоците и заедницата со високи треви Orphanideo-Cirsietum apendiculati. Заедно, овие тревни заедници зафаќаат површина од над 3.500 ha и се од висок интерес за заштитата поради присуство на локални, македонски и балкански ендемски заедници. Така на пример тревната заедница Lino-Seslerietum се среќава само во Паркот, додека заедницата Diantho myrtinervius-Festucetum е ендемска за Македонија со ограничено распространување (само во зоната меѓу Пелистер и Ниџе-Кајмакчалан) и е типично живеалиште за локалниот ендем, полегнатиот каранфил (Dianthus myrtinervius). Покрај тоа, следните тревни заедници се сметаат за ендемски на Балканот: Asplenio-Silenetum lerchenfelidiane, Orphanideo-Cirsietum appendiculati, Geranio-Poetum violaceae, Festucetum panniculatae и Centaureo-Festucetum variae. Во предпланинскиот појас се среќава и заедницата на брукенталијата и смреката (Bruckenthalio-Juniperetum) која има статус на приоритетно живеалиште според Бернската конвенција. Еден од клучните еколошки процеси во некои од овие заедници (живеалишта) е напасувањето. Напасувањето на овци била најзначајна стопанска гранка за повеќето локални заедници на Баба Планина и е со многу долга традиција. Напасувањето на овци во минатото во голема мерка го заменило и истиснало природното напасување (срни, елени, диви кози). Традиционалното сточарење вклучувало и систем од мерки за управување со пасиштата, како што се редовно и контролирано палење на пасиштата, сечење на грмушки и млади дрвја и други мерки за кои во моментот не постојат доволно податоци. Сепак, како резултат на демографските и социо-економските промени во потесното и поширокото опкружување на Паркот сé е помал бројот на овци кои се напасуваат на овие пасишта. Од друга страна популациите на дивите тревопасни животни се недоволни за да го надоместат отсуството на овците. Како резултат на тоа, низ природните процеси на сукцесија на биоценозите, дел од планинските и предпланинските тревни заедници се трансформираат во шибјаци или шумички (вриштини од брукенталија и/или шуми). Во моментот не постојат доволно податоци за значењето на напасувањето во одржувањето на биолошката разновидност во предпланинските и планинските тревни заедници. Исто така не постојат прецизни податоци за важноста на посебните растителни заедници како пасишта (пр. хранлива вредност, енергетска вредност и сл.). Според тоа, управувањето со планинските екосистеми во Паркот треба да ги постигне следните цели: ü Структурата и одвивањето на клучните процеси и еколошки функции (услуги) во високопланинските пасишта во текот на наредните 20 години се одржуваат на најмалку 70% од површината која тие је зафаќале во 2006/2007 година; ü Традиционалниот начин на сточарење продолжува да игра важна улога во одржувањето на структурата на традиционалните елементи на пределот и спонтаното одвивање на клучните процеси и еколошки функции (услуги) во предпланинските и планинските тревни заедници во наредните 20 години; ü Природната структура и спонтаното одвивање на природните процеси и еколошки функции (услуги) во вриштините од брукенталија се одржуваат на површината која тие је зафаќале во 2006/2007 година. Мерки и активности: - Изработена е студија за определување на приоритетни површини меѓу постојните пасишта (пасишта со висок/значаен биодиверзитет, добар квалитет, пристапност итн.) кои треба да се одржуваат како традиционални пасишта во наредните 20 година; - Изработена е студија за можностите за примена на пазарни и други мерки за поддршка и поттикнување на традиционалното овчарство во Паркот; - Изработена е студија за ефектите и добивките/трошоците на повеќе алтернативи за одржување на предпланинските и планинските тревни заедници, како на пример воспоставување на репро-центри за крупните диви тревопасни животни, проширување на границите на Паркот, воспоставување на заштитен појас околу Паркот итн.; - Изготвена е студија за состојбата на популацијата на слободните коњи во Паркот и нивната улога во одржувањето на предпланинските и планинските тревни заедници. Овие студии треба да се спроведат паралелно и во тесна координација со студиите за некои ретки и засегнати растителни видови односно диви тревопасни животни . Резултатите од сите овие студии треба да помогнат во ревизијата на целите и соодветните мерки и активности за предпланинските и планинските тревни заедници, односно за приоритетните растителни и животински видови наведени во Поглавје 5.2.2. Треба да се има во предвид дека целите кои се однесуваат на тревните заедници и засегнатите животни може меѓусебно да се исклучуваат и спротивставуваат. Покрај тоа постои спротивставеност меѓу целите за одржување на планинските/предпланинските пасишта и вриштини од брукенталија како приоритетен тип на живеалиште според Бернската конвенција. Од тие причини Управата на Паркот ќе треба да ги вклучи сите засегнати страни во ревизијата на целите за овие клучни вредности и соодветно да го измени овој План при неговата втора деталната ревизија.
|