| Заштита на пределот |
|
|
|
| Friday, 22 May 2009 11:16 |
|
Според член 117 од Законот за заштита на природата (Сл. Весник на РМ 67/04), заштитата на пределската разновидност се обезбедува преку „зачувување на карактеристичните обележја на пределот, како и одржувањето на биолошките, геолошките и културните вредности кои го одредуваат неговото значење и естетското доживување“.
Пределот и понатаму е мозаик од природни шуми, каде што доминираат моликовите шуми и високо-планински пасишта. Ледничките езера, камените реки и мориња, другите геоморфолошки формации и водите го надополнуваат мозаикот на пределот. Натамошната урбанизација на земјиштето е органичена, а инфраструктурните објекти се со размер, дизајн и местоположба што не го нарушуваат природниот карактер на Паркот. Културните елементи на пределот поврзани со селото Маловишта се со зачуван традиционален изглед.
Според тоа, целите кои се однесуваат на клучните екосистеми и видови во Паркот, односно мерките и активностите за нивно постигнување ќе имаат директно или индиректно влијание врз пределот во Паркот. Сепак, преку заштитата на елементите на пределот само делумно се придонесува за неговата заштита. Вредностите и квалитетите на пределот во Паркот се должат и на распоредот и меѓусебната комбинација на неговите составни елементи. При пропишување на мерките и активностите за заштитата на пределот во Националниот парк Пелистер неопходно е да се имаат предвид човековите влијанија, но и природните процеси. Од човековите активности кои можат да ги нарушат вредностите на пределот во Паркот најзначајна е изградбата на инфраструктурни објекти (градби, патишта, патеки и друга инфраструктура за посетителите и др.). Пожарите исто така можат да предизвикаат сериозни нарушувања во пределот во Паркот. Некои промени во социо-економските текови во потесното и поширокото општествено опкружување исто така можат да резултираат со неповолни промени во пределот. Така на пример, поради напуштање на традиционалниот начин на стопанисување и демографските промени, земјоделските површини, ливадите и традиционалните пасишта во околината на селото Маловишта, речиси се пред исчезнување. Овие елементи на пределот имале значајна еколошка функција, но придонесувале и за естетските квалитети на овој дел од пределот. Што се однесува до природните фактори, пределот може да биде нарушен поради ширење на штетници на големи површини, снегоизвали, ветроизвали и сукцесија на биоценозите. Типичен пример за ваквите процеси е обраснувањето на камените реки и пасиштата поради ширење на моликовите шуми. Врз основа на дискусијата погоре и поаѓајќи од Визијата за Паркот, управувањето со пределот во Националниот парк Пелистер според овој План ги има следните цели:
ü Пределот и понатаму е мозаик од природни шуми, традиционални пасишта, леднички езера и други водни екосистеми, камени реки и други геоморфолошки формации. Културните елементи на пределот поврзани со селото Маловишта се со зачуван традиционален изглед и го надополнуваат мозаикот на пределот во Паркот; ü Натамошната урбанизација на земјиштето е органичена и инфраструктурните објекти се со размер, дизајн и местоположба што не го нарушуваат природниот карактер на Паркот. Мерки и активности: - Усвоен е нов План за просторно уредување на Паркот; - Согласно новиот План за просторно уредување на Паркот изготвени се детални урбанистички планови со кои се регулираат активностите за реставрација и реконструкција на постојните објекти и изграба на нова инфраструктура и објекти на начин што дозволува незначително влијание врз пределот. Како што беше спомнато во дискусијата погоре, заштитата на пределот во Паркот исто така ќе зависи од спроведувањето на мерките и активностите поврзани со заштитата на неговите клучни екосистеми и мерките за поддршка на социо-економскиот развој на локалните заедници, пред сé локалната заедница на село Маловиште. Покрај нив, за заштитата на пределот се релевантни и мерките и активностите за контрола на пожари, штетници и загадувањето но и другите мерки поврзани со унапредување на капацитетот за управување со Паркот |
| Last Updated ( Tuesday, 02 June 2009 11:26 ) |




