| o Контрола на инвазивни видови, штетници и болести |
|
|
|
| Friday, 22 May 2009 11:28 |
|
Во изминатиот период управата на Паркот успешно се справуваше со потенцијалните закани од штетници и болести во моликовите шуми. Сепак, постојниот приод изискува големи трошоци кои се покриваат за сметка на другите цели, како на пример заштита на буковите шуми. Што се однесува до инвазивните видови, посебен предизвик претставува ширењето на зелената дуглазија (Pseudotsuga menziesii) во дабовиот и сé повеќе во буковиот комплекс. За надминување на овие проблеми неопходно е да се изнајдат дополнителни извори на финансирање, но и да се спроведат студии за можноста за примена на други методи на контрола кои би биле поекономични и би се засновале на еколошки принципи или преку воспоставување на процесите на самоконтрола во шумските системи. За сеопфатно решение на постојните проблеми и предизвици Управата на Националниот парк Пелистер ќе изработи стратегија и акционен план за заштита од инвазивни видови, штетници и болести. Со тоа истовремено ќе се исполни и законската обврска што произлегува од член 98, став 3, точка 5 од Законот за заштита на природата, а во врска со утврдување на систем на мерки и активности за заштита од пожари и други природни катастрофи. Основните цели на стратегијата и акциониот план би биле: ü Искоренување или контрола на растителни и животински инвазивни и агресивни видови, штетници или предизвикувачи на болести со употреба на методи кои го минимизираат нарушувањето на природните системи и вредностите на Паркот; ü Спречување на навлегувањето на инвазивни и агресивни видови, штетници или предизвикувачи на болести во границите на Паркот; ü Да се реставрира, ревитализира или рехабилитира просторот од кој се отстраниле инвазивни и агресивни видови. Мерки и активности: - Изработена е повеќегодишна „Програма за контрола и заштита од инвазивни видови, штетници и болести“ која вклучува и план за техничко одржување и доопремување; - Се изготвуваат „Годишни планови за контрола и заштита од инвазивни видови, штетници и болести“ согласно „Програмата за контрола и заштита од инвазивни видови, штетници и болести“; - Изготвена е студија и акционен план за контрола на зелената дуглазија (Pseudotsuga menziesii) во Паркот; - Изготвена е студија и акционен план за контрола на инвазивните неавтохтони видови во мелиоративната зона Вртешка. Нормите и препораките во врска со контролата на инвазивни видови, штетници и болести во Паркот, и кои се однесуваат на посетителите и субјектите кои вршат дејности или се даватели на услуги во Паркот, ќе бидат опишани во „Правилникот за внатрешен ред во Националниот парк Пелистер“ |
| Last Updated ( Tuesday, 02 June 2009 11:32 ) |




